Ќе прошетаме пешачка тура низ Фиренца, за која Google вика дека е 5km и ќе ви е потребен еден час за да ја помините. Нас ни требаше еден ден, не бидејќи бавно пешачиме туку дека е невозможно да не застанете да се восхитувате на Фиренца.
Започнуваме од железничката станица Санта Марија Новела, која се наоѓа во срцето на историскиот центар, одма наспроти црквата според која го носи името. Црквата Санта Марија Новела е архитектонски најзначајната Готска црква во Тоскана. Но сепак за кратка посета доволно е да ја видите од надвор 🙂 Од тука продолжете право по улицата со калдрма, Via Panzani до уличката која води до Капелата на Медичи и Сан Лоренцо кожниот пазар. Големите градови во Италија се познати по различни занаети, Фиренца е по кожарскиот занает уште од средновековно време.
Пазарот Сан Лоренцо е местото каде што може да ги најдете овие кожени производи, со тоа што не сите производи се италијански оригинали. Важно е да се напомене дека пазарот иако далеку помал, е сличен по начинот на работа со Капали чаршија во Истанбул, каде што цените се набиени и треба да се ценкате за да ја добиете реалната цена. Сепак некои од продавачите кој продаваат оригинални производи можат да се навредат и да ви се налутат ако пробате да им ја спуштате цената. Но немојте тоа да ве поколеба. Во секој случај пред да го направите изборот прошетајте и по другите тезги и продавници за да ги споредите цените, впрочем и да најдете неоргинален производ ако ви се допаѓа за цената купете го. Продолжуваме, во продолжение и непосредна близина се наоѓа палатата на Медичи и Рикарди. Оваа палата обично е потценета од туристите, но немојте да ве измами неимпресивниот надворешен изглед. Внатрешноста исполнета со прекрасни фрески, портрети на фамилијата Медичи и други уметнички дела, дефинитивно ќе ве воодушеви. Нас најмногу не воодушевија фреските во галериската соба и градината со лимони.
Од тука во близина може да се упатите до Академија Галерија (Galleria dell’Academia), каде што ве советуваме да одите само доколку имате доволно време. Да ги видите изложените експонати вреди за сите пари, но редовите за влез се толку големи што може и цел ден да изгубите во денови кога има многу туристи. Секако најимпресивен експонат е монументалното дело, склуптурата Давид од Микеланџело, кој е централно поставен. Покрај оваа величествена статуа сигурно ќе помнете неколку пати но ни еднаш без воодушевување.
Во близина повторно преку пазарот Сан Лоренцо е дуомо (централна црква во секој италијански град) катедралата Санта Марија дел Фиоре. Црквата изградена со бел мермер, украсена со статуи и фрески, е толку импозантна и голема што нема да ви ја собере во еден кадар. Оваа црква е заштитен знак на Фиренца и е можеби најубавата во цела Италија. Во понудата поврзана со катедралата може да се качите на врвот и да го гледате целиот град (но редовите се преголеми и според нас треба да го прескокнете ова, следи подобра препорака на крај од текстот 🙂 ). Црквата има и музеј, каде што еден од највредните експонати е Оплакувањето (Michelangelo’s Pieta) од Микеланџело. Легендата вели дека откако ја завршил склуптурата Микеланџело слушнал некои посетители од Милано како прашуваат кој ја направил оваа склуптура, па вечерта самиот го изгравирал своето име „Микеланџело Бунароти, Фиорентинец, го направи ова“, така оваа склуптура е единствена на која е потпишан. Од тука продолжете по шеталиштето и упатете се кон Уфици и Палацо Векио. Обично шеталиштето е преплавено со туристи и од двете страни се наредени продавници на познати брендови. Во секој случај немојте да пропуштите да везете во продавниците за сладолед и да го пробате италијанското џелато.
На плоштадот Пиаца дела Сињора ќе ве пречекаат реплики на статуи, меѓу кои и Давид од Микеланџело, на местото каде што претходно стоел оригиналот и бил гордост на Фиорентинците. Галеријата Уфици е едно од најзачајните места во цела Италија каде што сместени голем дел монументални дела на ренесансни уметници како Микеланџело, Леонардо, Ботичели и ред други. На влезот тука исто ќе ве пречека огромен ред и затоа посетата е условена ако имате доволно време. Внатре делата се распоредени во помалечки соби по периоди, па може да пропуштите нешто ако не сте спремни да го побарате и да прашате каде се наоѓа. Доколку сакате сепак да посетите нешто а да не чекате толку многу тогаш може да влезете во Палацо Векио (стара палата), која сепак изгледа примамливо. Ние потрошивме доволно време и на крај моравме да прашаме каде се наоѓа една од најпознатите слики на Ботичели, Раѓањето на Венера.
Од тука по упатете се по тесната улика меѓу Уфици и Палацо Векио, наскоро ќе се најдете по уличка со ресторанчиња, продавници за храна и месни производи. Ако до сега ве советувавме за влез во галериите дека не мора да чекате ако немате доволно време, тука има ред кој ви препорачуваме задолжително да го почекате. Сендвичарата Ал Антико Винајо ќе ја забележите веднаш по големиот ред на луѓе за кои на почеток нема да ви е јасно што чекаат. Сендвичарата всушност е поделена во два дуќани од двете страни на улицата и редот е огромен на двете страни, но услугата е релативно брза. Тука се продаваат сендвичи само за 5€ со поркета, салами (италијанска чајна колбасица), пршут зачинети со домашни доатоци како црн патлиџан, тартуф, салати, италијански сирења и најубавото маслиново масло на светот. Еднаш кога ќе ги пробате ќе сватите дека Италијанската куња е многу повеќе од пица и тестенини. Може да пробате од понудата сендвичи, кој со имињна и состав се поставени на мали табли на ѕидовите. Но немојте да се двоумите ако ви се допаѓа нешто само да им посочите на љубезните вработени со што сакате.
Откако се најадовме продолжете до мостот Понте Векио (Стар Мост) кој се наоѓа во непосредна близина на реката Арно. Мостот е заштитен знак на Фиренца, целиот исполнет со продавници за злато, накит и драгоцени камења. Легендата вели дека тука порано поминувале членови на фамилијата Медичи одејќи од летната палата до нивната куќа, а мостото бил преплавен со продавници за месо. Така кога минувале влијателните членови на фамилијата Медичи, им мирисало непријатно па од тогаш забранале да има било што на мостот освен продавници за накит и злато. Иако можеби над нашиот стандард, слободно застанете и разгледајте, навистина е интересно да се види толкаво богатство изложено на отворено на едно место. На ќошот на излезот од левата страна на мостот немојте да пропуштите да се напиете оригинално италијанско еспресо во кафетеријата. За разлика од кај нас италијанците еспресото го пијат од на нога и на шанк, ви го препорачуваме истото, зошто ако седите може дополнително да ви наплатат но исто нема да го доживеете италијанскиот начин.
Од тука ако имате време може да ги посетите палатата Пити и градините Боболи, кој се во непосредна близина. Ако сте фан на делата на Ден Браун, главниот лик, професорот Роберт Лангдон, во почетните сцени бега низ овие градини во палатата.
Најубавиот поглед во Фиренца
Ако ви останува уште малку време до зајдисонце тогаш задолжително упатете се кон плоштадот Микеланџело (Piazzale Michelangelo) кој се наоѓа на ридче нагоре по реката Арно па скршнувате десно. Ова е местото каде што ќе го доживеете најубавото зајдисонце со најубавиот поглед на градот. Тука на видиковецот прошетајте и сликајте неколку фотогравии, но оставете време да одморите седејќи на скаличките кој гледаат кон градот.
Со ова завршува нашата тура, секако дека во Фиренца има уште повеќе места кој заслжуваат да се видат, но доколку останувате кратко мора да го искористите секој момент максимално. Ви посакуваме пријатно патување и очекуваме да споделите ваши импресии и места кој сте ги посетиле. Идеална можност да ја искористите нашата промоција за возовите Frecciarossa и некоја од понудените комбинации за ефтини летови до Италија. Повеќе слики на нашата Facebook страна, и линк до мапата на Google Maps.