Идеално.Мк

Прошетка низ вечниот Рим

Велат ако останеш еден ден ништо не си видел, ако останеш два дена мислиш дека си видел се, а ако останеш една недела ќе видиш дека ништо не си видел. Вечниот Рим, центар на големата Римска империја, е исполнет со богатство и уметност можеби како ниеден друг град во светот. Колку пати и да се враќате, колку долго и да останувате секогаш ќе најдете нешто ново што ќе ве изненади.

Нашата тура која ви ја предлагаме е идеална за оние кои остануваат кратко, а сакаат максимално да го искористат времето да видат што е можно повеќе но и да го осетат вистинскиот дух на Рим, за оние кои остануваат два дена и мислат дека виделе се 🙂 Поделено на две пешачки тури за два дена, наменето за вистински авантуристи, на кој не им смета пешачење. Доколку не сакате толку многу пешачење може да користите јавен превоз до главните точки, но така пропуштате многу бидејќи секој метар во Рим е вреден да се види.

Патувањето го започнуваме од главната железничка станица, Термини, со претпоставка дека ќе сте сметени некаде во близина. Доколку имате кратко време во центарот достапни се соби и апартмани. За кратка посета подобро е да изберете сместување тука без поголем луксуз, отколку да барате поевтино сместување на периферијата. На AirBnB и Booking може да најдете солидно сместување за прифатлива цена во близина на железничката станица.

Прв ден во вечниот Рим

Прва станица на нашето патување е величествениот Колосеум. Како што ќе се приближувате по уличките, ќе го забележите и вашата возбуда ќе расте, за кога ќе стигнете да потврдите дека станува збор за неверојатно здание. Неговата големина му пркоси на било кој современ спортски стадион, а ако го земете предвид времето кога е изграден навистина е за воодушевување. Одма да ве предупредиме дека редовите за влез се поголеми, и иако има убав поглед на околината, за кратка посета би ве советувале да го не влегувате внатре. Околку Колосеумот има луѓе кои „продаваат“ Skip the line влез, но и во тој ред ќе чекате само пократко.

Колосеум во Рим
Рим внатрешноста на Колосеум

Ако ви е утеха внатрешноста и не е толку импресивна како надворешниот изглед. Во истиот комплекс се наоѓа и триумфалната порта која исто ќе ве изненади со големината и со интересните рељјефи.

Поглед на Триумфалната Капија Рим

Во непосредна близина се наоѓа ридчето Палатино, каде што се наоѓа влезот на римскиот Форум, но сепак за кратка посета не ве советуваме да влегувате.

Foro Romano

Наредно може да се упатите до средновековната црква Св. Климент Лаетрано (Basilica of San Clemente al Laterano) која е изградена врз постара рано-христијанска базилика. Покрај тоа што црквата не воодушеви со нејзината внатрешна убавина, оваа црква е особено значајна за нас. Имено тука се наоѓа гробот и моштите на Св. Кирил основоположникот на кирилското писмо. Оваа црква се наоѓа на нецели 500м од Колосеумот и често е заборавена, но нема да зажалите ако ја посетите.

Од тука вратете се до Колосеумот и по скаличките на северната страна качете се на улицата над Колосеум и упатете се накај плоштадот Венеција. По таа улица обично се движат многу туристи и од тука имате убав поглед на Римскиот Форум од горе, кој барем е бесплатен 🙂 Улицата завршува со кружен тек на самиот плоштад (улицата не е пешачка зона и можат да се движат автомобили), од двете страни ќе се изнагледате импрсивни згради, цркви и музеи изградени целосно од мермер во античко време и во ренесансата. На плоштадот ќе наидете на импресивна голема фонтана и централно поставена склуптура на првиот италијански крал (крал на Италија, не на Римската империја) Виторио Емануеле.

Piazza Venezia Rome

Откако ќе направите неколку фотки продолжете налево и одете накај пазарот Кампо ди Фиори. Наместо да се движите по главната улица Виа дел Плебисито, протрете се низ тесните улички кои одат паралено со неа. Тука ќе наидете на интересни дуќанчина каде што се продава облека, накит и друго. Во овие продавници цените не се прескапиј, а може да најдете интересни работи. На пазарот ќе ве пречекаат многу тезги со цвеќиња но и многу други работи. Од сите страни поставени се ресторанчиња и пицерии, за кој што викаат дека се навистина добри. Во ценарот на пазарот централно поставен е споменикот на Џордано Бруно, точно на истото место каде што бил спален на клада од инквизицијата заради неговите тврдења дека земјата не е центар на универзумот. Самото тоа дека стоите на такво значајно место ќе ве направи да се чувствувате посебно.

Споменикот на Џордано Бруно

Од тука преку главната улица, Виторио Емануеле II, упатете се до плоштадот Навона. Овој плоштад е еден од најубавите во Рим, со неколку импресивни фонтани со обелисци по неговата должина и значајни згради од страните. Ако сте љубители на делата на Ден Браун, тука е и фонтаната каде што се случуваат дел од настаните во книгата Ангели и Демони.

Продолжете да се движите по пешачката улица кон Пантеон. Пред да стигнете од левата страна ќе видите ред пред сладоледџилницата Gelateria Buccianti. За да си ја повратите енергијата, земете сладолед или ако повеќе сакате во блискиот маркет земете пиво Настро Азуро. Продолжете до фонтаната пред Пантеон, и седнете со останатите на скаличките. Доколку сакате секако од страните има и ресторанчиња околу плоштадот. Пантеон во суштина е нај зачуваната зграда од Антички Рим и внатрешноста од светилиште на пагански богови претворена е во црква. Влезот тука, како и во повеќето цркви во Рим, е бесплатен.

Пантеон Рим

Од тука по улицата Виа дел Семинарио упатете се накај фонтаната Треви. По убавата пешачка зона и преку главната улица ќе налетате на многу интересни продавнички каде што се продаваат интересни сувенири.

улична уметност во Рим

Фонтаната Треви е можеби една од најимпресивните и е дефинитивно една од најпосетуваните знаменитости во Рим. Фонтаната цела изградена од бел мермер е навистина импресивна и нема да ве остави рамнодушна. Ако имате среќа да се изборите во гужвата, слезете до водата и направете некоја фотографија на која секогаш ќе се сеќавате. Глетката на осветлената фонтана навечер ќе ви го одземе здивот.

фонтаната Треви

Од тука полека продолжете до плоштадот Шпанија, каде што се наоѓаат знаменитите Шпански скали. Секако најдете сила после оваа напорна прошетка и искачете се нагоре. Слободно седнете и воодушевувајте се на вечерната гледка на преубавиот Рим. Во близина на плоштадот има станица за метро (се вика Spania), вратете се до најблиската точка каде што сте сместени. Адреналинот и возбудата ќе ве натераат целосно да заборавите на пропешаченото. Ви гарантираме ќе се чувствувате одлично.

Шпанските Скали Рим

За крај линк до мапите на Гугл за маршутата ТУКА. Гугл вика дека е 7,8км и дека ви се потребни 1 час и 40 минути. Секако дека ќе потрошите многу повеќе, но ќе уживате.

Продолжува…