Денес ја продолжуваме прошетка која ја започнавме низ Рим, Ватикан и автентичната антика римска област Трастевере. Со истата претпоставка од претходниот пат, дека сте сместени во близина на железничката станица, нашето патување го започнуваме од тука. Бидејќи денес ќе го разгледуваме другиот дел од градот за разлика од првиот ден кога почнавме со пешачење, сега препорачуваме да искористите јавен превоз трамвај, метро или автобус за почеток. Во нашата прошетка користевме трамвај број 9 кој не однесе до една од најстарите римски области Трастевере.
Трастевере духот на антички Рим
Трастевере во буквален превод значи Транс Тибар е област која се наоѓа во централен Рим распространета по кејот на реката Тибар и се граничи со ѕидините на светиот град Ватикан. Областа е една од најстарите во Рим и датира од почетоците од околу 700г.п.н.е, а во денешно време е особено интересна за туристите бидејќи задржан е автентичниот стил на антички Рим. Тука ќе го почувствувате вистинскиот дух на Рим од тоа време. Посебна дестинација тука не ви е потребна, слободно отпуштете се и изгубете се низ тесните улички со калдрма. Куќите се со боја на автентична црвена глина и неретко на премините ќе забележите жици со алишта помеѓу две куќи на двата краја на улицата. Цел на прошетката и „лутањето“ низ Трастевере е Ватикан, но сигурно треба да го посетите малиот плоштад пред црквата Света Марија (Basilica di Santa Maria in Trastevere). Доколку сте расположени за дополнително пешачење можете да се искачите на ридчето во областа кое води до кон црквата Свети Петар Монторио (Chiesa di San Pietro in Montorio), каде што има одличен поглед на градот од таа страна.
Од плоштадот кај црквата Света Марија полека упатете се кон Ватикан, па кога ќе се приближите излезете на кејот на Тибар и упатете се кон Castel Sant’Angelo. Препознатливата кула со кружна основа и скулптура на врвот од Светиот Ангел, се наоѓа од другата страна преку Тибар на Ватикан, сега е национален музеј а во минатото била папска тврдина, оружарница и затвор. Влезот во кулата се плаќа и иако има убав поглед, не ви препорачуваме да чекате за кратка посета.
Ватикан светиот град
Кога ќе стигнете тука, ќе ви стане јасно каде треба да продолжите. Преку главната улица продолжува плоштадот пред централната базилика на Свети Петар во Ватикан. Тука за големиот христијански празник Велигден папата се обраќа на посетителите и на светот со познатата велигденска порака Urbi et Orbi (градот и светот) и го честита празникот на сите светски јазици. Доколку се затекнете за овој или друг празник кога има обраќање на папата плоштадот е преполн со верници, но организацијата е неверојатна и гужвата скоро нема да ви смета. Скоро за помалку од час после молитвата и обраќањето на папата ги отвораат вратите на базиликата и откако ќе поминете низ ригорозното обезбедување ќе може бесплатно да влезете во централната базилика.
Без посебно да ви објаснуваме од самата околина ќе ви биде јасно каде се треба да се упатите и да ја разгледате околината. Секако една од најзначајните посети тука се Ватиканските музеи и Сикстинската капела, каде што секој последен викенд од месецот влезот е бесплатен но редовите се преголеми. Доколку можете да си го дозволите чекањето (останувате повеќе денови во Рим) ова е една од најзначајните посети па вреди да почекате.
Рим центар на светот
Откако ќе ја завршите посетата на Ватикан, следна дестинација на нашата прошетка е плоштадот Шпанија (Spagna) каде што ја завршивме прошетката од претходниот ден. Зависно од вашата желба може да земете метро од блиската станица Ottaviano и да слезете на станицата Spagna. Или ако сте „ненаситни“ по убавините на Рим како нас да продолжите повторно преку патеката кај Castel Sant’Angelo. Патот ќе ве одведе преку улицата Via Condotti, каде што се наоѓаат продавници од најпрестижните модни брендови како Гучи, Шанел, Картиер и други. Секако прескапи за наш вкус, но штом сте веќе тука може да ја посетите. За нашиот стандард идеални се продавниците на улицата Via del Corso која е нормална со оваа улица и тука може да најдете убави работи кој се дури и поевтини од кај нас.
Доколку огладневте од досегашната прошетка, од плоштадот Шпанија паралелно со оваа улица се две улици каде што има голем број на ресторани кој се обично полни со туристи. За цените би рекле дека се средни, но храната е одлична и автентична, секако пред да ги посетите може да ги проверите на менијата пред рестораните. Нас во ресторанот „Al 34“ ручек за четворица со главно јадење тестенини две заеднички салати со лосос и пијалок не чинеше околку 120€. Доколку сте љубители на тирамису на улицата Via della Croce се наоѓа позната продавница за тирамису Помпи, која е толку позната што ќе ја најдете и во туристичките водичи.
Ако се најадовте и завршивте со купување продолжете до плоштадот Piazza del Popolo. Самиот плоштад е импресивен со фонтана и обелиск на средината и палата на источната страна. Дефинитивно при крај на денот искачете се по скаличките кој водат над палатата и продолжете по патеката до Pincio Promenade, големата тераса која продолжува со прекрасни градини. Од тука сигурно ќе ја доживеете романсата на Рим и дефинитивно најубавото место да го дочекате зајдисонцето. Глетка која ќе остане со вас за секогаш.
Никогаш не е доста од оваа убавина, но станува доцна. Слезете повторно до плоштадот и низ излезот на северната страна ќе излезете на главната улица каде што ќе ја најдете метро станицата Flaminio. Уживајте во Рим на свој начин. Некој места намерно ги пропуштивме во текстот, ако имате предлози пишувајте на нашата Facebook страна.