Идеално.Мк

Прошетка низ Виена

Виена претставува центар на класичната музика во Европа, град кој долго време бил кралска престолнина, изобилува со музеи, палати и други знаменитости.

Нашата посета всушност започнува од Братиславa пристигнуваме со WizzAir, до каде што има два лета неделно во Понеделник и Петок. Во овој текст ќе се задржиме на Виена и како да стигнете до таму, а за Братислава ќе пишуваме во друга прилика.

Авионот пристигнува на аеродромот во Братислава околку 14.30 часот. Од Аеродромот може да фатите редовен градски автобус линија број 61 со која може да стигнете директно до главната железничка станица. Билетите се на минути возење и се малку нејасни, но за 60 минути билетот чини 1.20€ и ќе ви биде повеќе од доволно за да стигнете до железничка станица. Возови до Виена има многу често и затоа претходни резервации не се потребни, билет може да купите директно на железничката станица. Повратен билет од Братислава до Виена чини 14€. Во Виена веројатно ќе стигнете приквечер, најдобро е да се сместите а потоа да се освежите со австриски шприцер, вкусен радлер или јако еспресо во локалните кафетерии. Наредниот ден е за шетање. Јавниот превоз низ Виена е одличен и може да стигнете скоро на секоја дестинација користејќи автобус, трамвај или метро.

vienna-st-stephen-chatedral

Нашата прошетка ќе ја започнеме од централната катедрала посветена на Св.Стефан или попозната како Штефансдом. Оваа импресивна Римокатоличка црква е изградена во готски стил во висина од 70м. Самата црква е импресивна од внатре и надвор, а со живописно украсениот со орнаменти покрив е можеби највпечатливата знаменитост на Виена. Во близина може да ја посетите куќата на Моцарт (Mozarthaus), лоцирана на улицата Domgasse 5, во која престојувал од 1784 до 1787. Се вели дека тука Моцарт ги живеел најубавите години и тука напишал многу значајни дела, како операта Свадбата на Фигаро. Куќата денес претставува музеј, која во склоп има и концертна соба, секако дека вреди да ја посетите.

Зеленило нема да ви биде во недостиг во Виена, од тука во близина може да го посетите градскиот парк кој е изграден во 19 век и претставува одлично место за одмор. Во близина место што треба дефинитивно да го посетите е Куќата на Музиката (Haus der Musik). Куќата претставува модерен интерактивен музеј, каде што посетителите не само што можат да уживаат и слушаат познати дела, туку и да се почуствуваат како да се дел од самата изведба, и многу друго. Цена за влез е 13€, а доколку одите во ноќна посета од 20-22 часот тогаш цената е 6,50€. Од тука може да се упатите до Јозефплац плоштадот каде што се наоѓа препознатливата градба на Националната Австриска Библиотека. Во непосредна близнина преку градината Фолксгартен (Volksgarten – народна градина) ќе пристигнете во комплексот на кралската Палата Хофбург. Изградена во 13 век, била седиште на моќните владетели на династијата Хабсбург. Во денешно време покрај тоа што претставува музеј каде што можат да се видат многу вредни експонати, истовремено е и седиште на Претседателот на Австрија.

Повторно низ градината упатете се до плоштадот Марија Тереза. Тука покрај убавината на самиот плоштад има комплекс од музеи, па и самата област тука е наречена MuseumsQuartier, Област на Музеи. Од поинтересните се Леополд Музејот на модерна уметност и кафе; детскиот музеј Зум, невообичаено место каде што вашите деца ќе уживаат; Мумок музејот за современа уметност.

Малку подалеку мора да ја посетите комплексот од две палати, Белведере. Може да стигнете со градски превоз трамвај бр. 71 или метро линија Д. Комплексот е составен од две барокни палати, кои биле летна резиденција на Принцот Јуџин од Савоја, и е дел од светското културно наследство. Дополнително ќе ве восхитат околните градини декорирани со фонтани и каскади и големите врати од рачно ковано железо.

палатата Белведере во Виена

Градот на музеи нуди многу повеќе

Од тука, ако ви беше веќе доволно од музеи 🙂 во близина може да се упатите до Haus des meeres der Aqua Terra Zoo. Импресивната зоолошка градина каде што меѓу другото може да видите голем број морски видови, вклучувајќи и ајкули во големите базени.

vienna-haus-des-meeres-aqua

Ако уживавте во прошетката до сега, време е да се одморите во некое од бројните кафулиња. Според Google Maps оваа прошетка „ќе ве чини“ околку еден час пешачење, но со сите знаменитости прашање е дали ќе ви биде доволно еден ден. Во оваа пешачка тура не е вклучено, но секако може да го посетите и забавниот парк каде што главна атракција е панорамското тркало од каде може да уживате во панорамата на градот. Забавниот парк е на огромна површина и вклучува многу други атракции.

vienna-panorama-wheel

Секако во Виена ви преостануваат уште многу знаменитости кои може да ги посетите. За тоа како стигнавме до виена може да читате ТУКА или да ги погледате сликите на нашата Facebook страна Идеално.мк. Може да го посетите следниот линк ТУКА, каде што може да најдете повеќе информации за Виена.

One thought on “Прошетка низ Виена

  1. Pingback: Директен лет од Охрид до Виена со Визер - Идеално.Мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *